nagradi-1

Со изложба на која беа презентирани најдобрите фотографии, со доделување на сертификати за учество и награди за најдобрите фотографии во рамките на три конкурси за најдобра фотографија, заврши еднонеделната школа за фотографија во рамките на проектот „ Жива историја, жива природа 2“.

„Со оваа изложба заврши еднонеделната обука за фотографирање на природните и историските патеки под името „Вклучување на уметноста – Крстопати на природата и уметноста“ во организација на општина Новаци. Школата ја посетуваа 30-тина учесници, беа ангажирани 4 обучувачи, преведувач и организатор на школата. Во изминатите седум дена се работеше теорија во салата во хотелот, но имаше и практична настава односно беа посетени доста места од нашата општина кои се познати културни и природни убавини. Имавме учесници од Битола, Новаци, Прилеп, Крушево и Грција.“  рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

На овој настан беа доделени прва, втора и трета награда за најдобрите фотографии на трите конкурси кои претходно беа објавени. Исто така на сите учесници им беа доделени сертификати за учество.

Школата за фотографија е една од многуте активности на општина Новаци во имплементацијата на проектот „Жива историја – жива природа 2“ финансиран од програмата на Инструментот за предпристапна помош, Програма за прекугранична соработка помеѓу Р. Македонија и Грција 2007-2013.